Ферментација

Процесот на ферментација е основата на создавањето вино. Во оваа фаза производителите на вино најчесто интервенираат со уништување на дивите и непредвидливи природни квасци, воведувајќи тип квасец по сопствен избор, со што се постигнува контрола на процесот на ферментација и се добива вино со посакувани својства. Откако ќе започне процесот на ферментација, истиот трае се додека целосната содржина на шеќер од ширата не се трансформира во алкохол. Целиот процес може да трае од 10 дена до еден месец или повеќе. Финалната застапеност на алкохол во виното варира кај различни вина и зависи од вкупното количество шеќер во изгмеченото грозје, како и климатските услови во кои се одгледува грозјето (10% алкохол во поладните краеви и 15% алкохол во потоплите се сметаат за оптимални вредности). Благите вина се произведуваат кога процесот на ферментација ќе се прекине пред целосното количество шеќер да се претвори во алкохол. Покрај алкохолната, кај вината е присутна и т.н. малолактична ферментација. Оваа ферментација претставува претворање на јаболковата во млечна киселина и има големо влијание врз вкусот на виното.