Кларификација
Со завршувањето на процесот на ферментација на ширата, настанува новиот производ - виното. Новото вино е матно поради присуството на голем број клетки од вински квасец, механички честички кои потекнуваат од зрната на грозјето, белковински материи, кристали и слично. Затоа неопходно е новото вино да подлегне на процесот на кларификација, пред да биде подготвено за конзумација. Процесот на кларификација се состои од следниве активности: прелевање на виното, преточување, бистрење, филтрирање и сулфуризација. По завршувањето на алкохолното вриење се врши прелевање на виното од едно буре (цистерна) во друго, кога виното се ослободува од грубиот талог. Филтрацијата и сулфуризацијата можат да бидат спроведени во фазата на прелевање на виното. Процесот на преточување подразбира префрлање на виното од еден во друг сад, со цел да се одвои од талогот. Филтрирањето се изведува со употреба на различни видови филтри кои ги задржуваат само поголемите цврсти материи. За бистрење на виното се додаваат голем број материи по избор на производителот, како белки од јајца, глина, желатин, танин, обезмастено млеко или други состојки кои ќе помогнат во отстранување на мртвите клетки на квасецот и другите цврсти материи.